
По серијата случаи на хантавирус регистрирани меѓу патници и членови на екипажот на крузерот „MV Hondius“ во јужниот дел на Атлантскиот Океан, здравствените власти во земјава уверуваат дека нема простор за паника и дека состојбата внимателно се следи од страна на домашните институции.
Според информациите што ги објави Институтот за јавно здравје, досега се потврдени осум заразени лица, а тројца од нив починале. Сепак, од ИЈЗ нагласуваат дека во Македонија нема регистрирани случаи, ниту пак постојат лица кои биле во контакт со заразените патници од бродот.
„Во моментов не постои ризик за населението во државата“, потенцираат од Институтот, додавајќи дека нема индикации инфекцијата да е поврзана со нашата земја.
Меѓународните здравствени организации, меѓу кои и Светската здравствена организација и Европскиот центар за превенција и контрола на болести, сметаат дека заразата најверојатно потекнува од области со зголемено присуство на глодари, природни носители на вирусот. Хантавирусот најчесто се пренесува преку контакт со урина, измет или други излачевини од заразени глодари.
Иако болеста може да предизвика сериозни компликации, експертите посочуваат дека преносот од човек на човек е исклучително редок. Исклучок е Andes варијантата на вирусот, карактеристична за делови од Јужна Америка, кај која е забележан ограничен интерхуман пренос, најчесто преку близок контакт и респираторни секрети.
Во меѓувреме, македонските здравствени служби остануваат во состојба на готовност. Од ИЈЗ информираат дека лабораториите на Одделението за вирусологија се целосно подготвени за евентуална детекција на хантавируси и располагаат со неопходна дијагностичка опрема и реагенси. Дополнително, институцијата е во постојана комуникација со меѓународните здравствени мрежи и внимателно ги следи сите нови информации поврзани со случајот.
















