УТРО.мк

Инспекторатот за животна средина наложи нови анализи во биогасната централа „Вардар Биопроцес“

Инспекторатот за животна средина наложи нови анализи во биогасната централа „Вардар Биопроцес“
Vero

Државниот инспекторат за животна средина спроведе вонреден надзор во биогасната централа „Вардар Биопроцес“ кај Градско, поради повеќемесечните поплаки од жителите на населбата Стопанство и дел од Градско за неподнослива смрдеа.

По извршениот надзор, инспекторатот наложи дополнителни анализи со цел да се утврди дали во воздухот има загадувачки материи што можат да потекнуваат од фугитивни емисии – испарувања кои се јавуваат при трансфер, ракување или протекување од опрема.

„Потребно е да се утврди присуството на загадувачки материи во околината од фугитивните извори на емисија при производството на електрична енергија од биомаса. Од наодите ќе зависи дали ќе бидат потребни дополнителни мерки за заштита,“ соопштија од Инспекторатот.

Жителите на Стопанство и дел од Градско велат дека веќе две години живеат со силна непријатна миризба и зголемено присуство на инсекти, што сериозно го нарушува нивното здравје и секојдневие. Тие се жалат на проблеми со дишењето, главоболки и воспаленија, а за време на летните вечери се приморани да ги држат затворени прозорците и вратите.

Од компанијата „Вардар Биопроцес“ ги отфрлаат обвинувањата и тврдат дека нивниот погон не е извор на непријатниот мирис. Според нив, редовните лабораториски проверки на емисиите покажуваат дека нема надминување на дозволените гранични вредности. Тие додаваат дека производствениот режим е непроменет и дење и ноќе, па смрдеата која се јавува во вечерните часови, како што велат, не може да биде од нивната централа.

Одлуката за тоа дали ќе бидат потребни дополнителни мерки за заштита ќе зависи од резултатите на новите анализи.

Извор: ТВ24

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран