
АД ЕСМ достави приговор до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и до Вишото јавно обвинителство, во врска со затворената истрага за набавката на мазут, со цел да се укаже на, како што наведуваат, одредени неправилности во водењето на постапката и да се побара дополнителна контрола и разгледување.
Од компанијата информираат дека истовремено е поднесено и барање за контрола до Јавното обвинителство, со кое се настојува да се утврдат евентуални недоследности во постапувањето.
„Денеска е доставен приговорот од АД ЕСМ до ОЈО ГОКК и Вишото јавно обвинителство. Исто така, како што најавивме, поднесено е барање за контрола и до Јавното обвинителство. Барањето е со цел да се утврдат недоследностите за водење на постапката“, велат од ЕСМ за ТВ 24.
По затворањето на истрагата која траеше една година и во која беа опфатени Исмаил Јахоски, Ратко Капушевски и Васко Ковачевски, кој е во бегство, од ЕСМ претходно оценија дека обвинителката Катерина Коларевиќ паушално го спровела вештачењето и погрешно ги интерпретирала изјавите на инженерите. Според нив, инженерите биле повикани исклучиво да ги појаснат техничките аспекти на набавката и производството, а не да даваат оцена за евентуална финансиска штета.
















