
Сериозен авионски инцидент се случил во петокот на летот на Ryanair од Солун до Минхен, кога за време на летот над македонскиот воздушен простор испукал еден од прозорците на авионот, што предизвикало нагла декомпресија на кабината и активирање на маските за кислород.
Според сведоштвата на патници, по силен тресок кабината останала без притисок, а 61-годишен српски државјанин, кој седел покрај оштетениот прозорец, бил повлечен кон отворот од силата на воздухот. Благодарение на безбедносниот појас и брзата реакција на патниците кои седеле до него, тој бил извлечен назад во кабината.
Пилотот веднаш прогласил вонредна состојба и го вратил авионот на аеродромот во Солун, каде леталото безбедно слетало. Повредениот патник бил пренесен во болница поради повреда на вратот, а лекарска помош добила и бремена патничка, која по преглед била пуштена дома.
Иако авионот полетал и слетал во Грција, истрагата ќе ја води Македонија, бидејќи инцидентот се случил во македонскиот воздушен простор. Во истрагата ќе бидат вклучени и експерти од Грција, Малта и САД, како и производителите Boeing и CFM International.

















