УТРО.мк

Дојранското Езеро добива план за целосна заштита

Дојранското Езеро добива план за целосна заштита
Vero

Една целосно нова фаза на заштита на Дојранското Езеро се отвора со првиот предлог-план за управување на споменикот на природата, кој ќе важи во периодот 2026–2035. Документот, кој ќе биде ставен на јавна расправа, предвидува формирање управувачко тело, воспоставување чуварска и инспекциска служба, јасно зонирање на езерскиот предел и распределба на активности според тоа дали се дозволени или забранети. Посебен акцент е ставен на строго управување со милот и талогот од пречистителните станици, со цел да се намали негативното влијание врз водната средина.

Овој план е резултат на работа на Здружението за одржлив развој „Милиеуконтакт Македонија“ во партнерство со Општина Дојран и со финансиска поддршка од Фондот за критички екосистеми – CEPF. Тој е првиот официјален документ кој опфаќа целосна заштита на езерото, во согласност со Законот за прогласување на подрачја за споменици на природата. Како управувачко тело, Општина Дојран веќе формираше Совет на засегнати страни и Научен совет, кои функционираат како консултативни органи и активно учествуваа во изготвувањето на планот.

Предлог-планот анализира податоци од 2020 и 2021 година, период кога хидросистемот за полнење на езерото сè уште функционирал, а водостојот бил висок. Главната закана е високата концентрација на нутриенти од отпадни материи што доведува до еутрофикација – прекумерно размножување на алги и промена на фитопланктонските заедници. Најголем фактор за ова е неконтролираниот испуст на хемиски материи, синтетички детергенти и вештачки ѓубрива од околните фабрики и земјоделски активности.

Езерото исто така е погодено од хипоксични услови, кои резултираат со лош квалитет на водата, чести масовни алгални цветања и континуирано нарушување на екосистемот. Долгорочно, проблемот се влошува и поради непланското испуштање на вода и недоволната координација со грчките власти, кои управуваат со делот од езерото на нивна територија. Предлог-планот нагласува потреба од трајна прекугранична соработка за регулирање на водостојот на дневна основа.

Туризмот, иако значаен за локалната економија, исто така влијае на деградацијата на езерото, преку дивоградби, неповрзани канализациски мрежи и загадување со цврст отпад. Планот предлага трансформација од масовен кон еколошки и одржлив туризам, кој ќе ја зачува природата и истовремено ќе поддржува локална економија.

За ефикасна заштита, планот предвидува формирање управувачко тело, ангажирање стручни лица – еколози, биолози, хемичари, воспоставување чуварска служба и опремување мониторинг-станица. Досегашните капацитети на Општина Дојран се ограничени, без сопствени средства или инфраструктура за управување со заштитеното подрачје, а финансирањето досега зависело главно од донаторски проекти.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран