УТРО.мк

Дијаспората пристигнува дома: За само 24 часа речиси 10.000 македонски државјани влегле преку Табановце

Дијаспората пристигнува дома: За само 24 часа речиси 10.000 македонски државјани влегле преку Табановце
Vero

Летната сезона и годишните одмори ја зголемија фреквенцијата на сите поголеми гранични премини во земјава. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во изминатото деноноќие преку граничниот премин Табановце во Македонија влегле 9.958 македонски државјани, што е показател за засиленото враќање на иселениците и граѓаните кои живеат и работат во странство.

Во истиот период, преку Табановце во земјата влегле и 17.448 странски државјани, додека на излез биле евидентирани 14.872 странски и 3.174 македонски државјани.

Зголемен интензитет на сообраќај е забележан и на граничниот премин Богородица, каде од вчера до денес напладне од државата излегле 6.100 македонски државјани, а влегле 2.022. Во истиот период, земјата ја напуштиле 15.871 странски државјанин, додека влегле 7.878.

Во меѓувреме, на граничниот премин Дојран уште од раните утрински часови беа формирани колони од возила кон Грција. Од Авто-мото сојузот на Македонија информираат дека времето на чекање за излез од државата достигнувало околу 30 минути, додека на грчката страна задржувањата биле подолги.

Од граничниот премин Дојран посочуваат дека најголемите гужви традиционално се случуваат за време на викендите и во деновите кога се вршат смени на туристичките аранжмани, особено кон крајот на јули и почетокот на август.

Од МВР велат дека сите расположливи човечки и технички капацитети се ставени во функција со цел да се овозможи побрз проток на патници, во согласност со задолжителните гранични контроли.

Според информациите од АМСМ, освен на Дојран и Табановце, на останатите гранични премини во земјава засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin