Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Единица за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал, во координација со Единицата за откривање и демонтирање на експлозивни средства при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, согласно однапред изготвен план, преземаат мерки и активности за уништување на голема количина минско-експлозивни средства.
Минско-експлозивните средства, кои биле запленети пред цели 15 години и складирани во касарната „Ѓорче Петров“, денеска се транспортираат до армискиот полигон „Криволак“ со товарни возила на АРМ. Уништувањето ќе се спроведе во присуство на Комисијата за уништување на оружје, делови и компоненти на оружје, муниција и експлозивен материјал.
Процесот на уништување ќе го реализираат полициски службеници од Единицата за откривање и демонтирање на експлозивни средства и направи, стручни лица од Армијата на Република Северна Македонија и пиротехничари од Дирекцијата за заштита и спасување, преку контролирана детонација.
Фактот што станува збор за прво уништување на ваков тип минско-експлозивни средства по цели 15 години укажува дека безбедносните ризици во минатото не биле третирани со потребната сериозност. Денешната активност претставува јасен сигнал дека со одговорен пристап, зголемена посветеност и професионално раководење, безбедноста на граѓаните конечно се става на ниво кое одамна било неопходно.



























