Во Реал Мадрид расте тензијата во соблекувалната, откако се откри дека дел од играчите ја поддржуваат новата политика на тренерот Чаби Алонсо, додека други се на страната на незадоволниот Винисиус Жуниор. Според шпанските медиуми, односите помеѓу тренерот и дел од фудбалерите се доведени до критична точка само шест месеци по неговото доаѓање на клупата.
Винисиус Жуниор, кој не сака да потпише нов договор додека Алонсо е на чело, го предводи таборот на незадоволните. Во оваа група се вбројуваат и Родриго, Федерико Валверде, Брахим Дијаз, Ендрик и Ферланд Менди. Од друга страна, Алонсо добива поддршка од Килијан Мбапе, Тибо Куртоа, Арда Гулер, Дин Хуијсен и Алваро Карерас.
Според извештаите, падот на формата на тимот дополнително ја заострува ситуацијата, а судирот помеѓу тренерот и клучниот напаѓач создава загриженост кај управата. Винисиус планира да отпатува во Саудиска Арабија во февруари 2026 година за преговори со локални клубови, што може да резултира со негов трансфер следното лето, иако тоа би го отстранило од борбата за „Златната топка“.
И покрај понудите од клубот за продолжување на договорот, Винисиус инсистира на минимално 30 милиони евра по сезона, додека Реал му нуди 20 милиони, што е значително повеќе од неговата сегашна плата. Иднината на Бразилецот и неговиот однос со Алонсо остануваат неизвесни, а вниманието на јавноста е насочено кон тоа како ќе реагира претседателот Флорентино Перез.



























