Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ предлага забрана за употреба на огномети во Скопје, потенцирајќи дека традиционалните прослави и забави со експлозивни материи со децении го загрозуваат здравјето на луѓето, животната средина и безбедноста на животните.
„Огнометите ослободуваат големи количини ПМ 2,5 и ПМ 10 честички, токсични гасови како CO, SO₂, NOx, како и тешки метали – бариум, бакар, стронциум и олово. Овие супстанции загадуваат воздух, вода и почва, а најранливите групи, како деца, бремени жени и лица со хронични респираторни или кардиоваскуларни заболувања, се директно погодени“, велат од иницијативата.
Тие предупредуваат дека огнометите предизвикуваат и сериозни психолошки реакции кај луѓето: анксиозност, панични напади, флешбекови кај лица со посттрауматски стрес, сензорни колапси кај луѓе со аутизам, како и ризик од епилептични напади кај лица со фотосензитивна епилепсија.
Последиците врз животните се исто така драматични. „Околу 70–75% од домашните миленици доживуваат силен страв, тресење, паника, обиди за бегство и повреди. Кај дивите животни се забележани масовни повреди, особено кај птиците, како и висок стрес, дезориентација и смрт“, додаваат од „Зелен хуман град“.
Иницијативата потсетува дека Законот за заштита од експлозивните материи веќе предвидува забрана за употреба на огномети без дозвола и стручно лице, но законот ретко се почитува на терен.
„Ги повикуваме сите советнички групи во Советот на Град Скопје да ја поддржат оваа иницијатива и да покажат дека здравјето на луѓето и животните, особено на најранливите жители на Скопје, е приоритет“, заклучуваат од „Зелен хуман град“.



























