Советот на јавните обвинители ја назначи Наташа Крстевска Цалева за вршител на должноста Виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, со мандат до избор на нов шеф, но не подолг од шест месеци.
Одлуката беше донесена на 33-тата седница на Советот, одржана на 12 декември 2025 година, со почеток во 10:30 часот. Назначувањето на Крстевска Цалева беше единствена точка на дневниот ред на седницата.
„На 33-тата седница одржана на ден 12.12.2025 година, со почеток во 10:30 часот, Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, по усвојувањето на дневниот ред, донесе одлука за определување на вршител на должност Виш јавен обвинител на Вишо јавно обвинителство Скопје, така што за вршител на должност се избира Наташа Крстевска Цалева – јавен обвинител во Вишо јавно обвинителство Скопје, до избор на Виш јавен обвинител, за време не подолго од шест месеци“, се наведува во соопштението.
Именувањето следи по престанокот на функцијата на дотогашниот шеф на ВЈО Скопје, Мустафа Хајрулахи, кој поднесе оставка на 9 декември. Тој претходно беше суспендиран поради поднесен обвинителен акт од Основното јавно обвинителство Штип за пет кривични дела „малтретирање во вршење на службата“ и едно дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Наташа Крстевска Цалева и претходно ја извршуваше функцијата в.д. Виш јавен обвинител, во февруари годинава, за време на суспензијата на Хајрулахи.



























