
Денес, православните христијани го одбележуваат Бадник, денот што ја најавува радоста на Христовото Рождество и носи посебна духовна тишина, топлина и заедништво во секој дом.
Бадник е ден на пост, смирение и молитва, кога семејствата се подготвуваат за големиот празник Божик. Уште од раните утрински часови, во многу краишта се бере бадниково гранче, симбол на животот, надежта и новиот почеток, а навечер се пали бадниковиот оган, кој ја симболизира светлината што го победува мракот.
Традиционалната бадникова трпеза е посна, но богата со симболика – грав, сарма, сушено овошје, ореви, мед и неизбежната бадникова погача со паричка, која носи среќа и бериќет за оној што ќе ја пронајде.
Во многу градови и села, бадниковите поворки на дечињата со песната „Вечниот Бог“ ја шират радосната вест за Христовото раѓање, потсетувајќи нè на чистотата, надежта и љубовта што ги носи овој празник.



























