
Во рамки на засилени контроли на работењето на управителите со станбени згради, Регулаторната комисија за домување (РКД) донела одлука за одземање на лиценците на четири правни субјекти, по утврдени неправилности при вонредна проверка на усогласеноста со законските обврски.
Како што информираат од институцијата, акцијата е спроведена со цел да се провери дали управителите постапуваат согласно измените на Законот за домување, поточно член 42 од најновите законски измени објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 160/2025. Според тие одредби, сите управители биле обврзани во рок од шест месеци од стапување на сила на законот да го усогласат своето работење со новите правила.
Проверката опфатила широк спектар на компании од повеќе градови низ државата, меѓу кои Скопје, Охрид, Прилеп, Тетово, Гостивар, Струмица, Штип, Битола, Кичево, Велес, Куманово, Кочани и Кавадарци. Резултатите покажале дека поголемиот дел од системот функционира во рамки на законските рокови: 62 правни лица целосно ги усогласиле своите обврски.
Сепак, кај четири управители биле констатирани пропусти – од недоставена документација до неисполнување на законски обврски. Тројца од нив се со седиште во Скопје, а еден во Струмица.
Претседателот на РКД, Никола Затуроски, објасни дека еден од санкционираните управители подолг период, повеќе од шест месеци, не извршувал активности што спаѓаат во надлежност на Комисијата, со што практично се повлекол од дејноста. Кај другите два субјекта, по одземањето на лиценците, биле завршени сите преостанати законски обврски, вклучително и враќање на средства од резервниот фонд и изработка на завршни финансиски извештаи.
Според најновите податоци на РКД, управувањето со станбени згради во земјата е организирано во 8.053 објекти, било преку лиценцирани управители или преку заедници на сопственици. Од нив, 5.600 згради се опфатени со лиценцирани управувачки услуги, што вклучува над 135 илјади посебни станбени и деловни единици.
Дополнително, статистиката од Централниот регистар покажува дека заклучно со средината на декември минатата година, активни се 2.453 регистрирани заедници на сопственици, што укажува на паралелен модел на управување кој сè уште опстојува во станбениот сектор.























