Огнената стихија не запира! Според најновиот дневен билтен на Центарот за управување со кризи (ЦУК), регистрирани се вкупно 11 пожари низ земјата, од кои четири сè уште се активни. Еден пожар е ставен под контрола, а шест се успешно изгаснати со заеднички напори на пожарникарските единици, локалните власти и граѓаните.
Најсериозна е состојбата во Велешко и Македонски Брод. Во велешкиот регион, меѓу селата Џидимирци, Крушје и Иванковци, гори мешана шума, а пожарот брзо се шири поради високите температури и силниот ветер. Слично е и во општина Македонски Брод, каде пламенот меѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа уништува деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација.
Во општина Василево, кај селото Нивичино, пожарот зафатил нискостеблеста шума на непристапен терен, што ја отежнува интервенцијата. Дополнителни екипи се веќе испратени на терен. Проблематично е и во Пробиштип, каде огнот помеѓу селата Троло и Петришино уништува житни ниви, при што поради сувата пченица огнот се шири со екстремна брзина.
ЦУК соопшти дека пожарот кај селото Николиќ во општина Дојран е ставен под контрола. Брзата реакција на надлежните служби спречи поголема штета во областа, каде гореше нискостеблеста шума.
Од Центарот апелираат до граѓаните да бидат исклучително внимателни и одговорни. „Состојбата е сериозна, особено поради високите температури и човечката немарност. Граѓаните не смеат да палат огнови на отворено и треба веднаш да пријават секое сомнително движење или чад,“ велат од ЦУК.
Меѓу успешно изгаснатите пожари се: кај манастирот Св. Илија во селото Мирковци (Чучер Сандево), кај наплатната рампа Гостивар, во Тетово, Охрид (с. Буково), селото Требеништа, како и во Куманово (с. Умин Дол). Во сите случаи стануваше збор за ниска вегетација и шумски појаси.
ЦУК најавува зголемен ризик од пожари во наредните денови, особено поради екстремните температури и повремените силни ветрови. Институцијата ги повикува сите граѓани на максимална претпазливост, а локалните власти – на подготвеност за брза реакција.