
Пејачката Бебе Реџа, која живее и гради успешна кариера во САД, а потекнува од семејство од Македонија, се огласи по повод најавениот протест на албанските студенти во земјава, кој е закажан за денеска во Скопје.
Преку објава на Инстаграм, таа испрати порака во која го нагласува значењето на албанскиот јазик како суштински дел од идентитетот на заедницата. Според неа, јазикот не е само средство за комуникација, туку симбол што низ генерации бил чуван и бранет.
Во својата реакција, таа истакнува дека албанскиот јазик има длабоки корени и дека неговото зачувување претставува резултат на долга историска борба. Истовремено, потсети дека Македонија е држава со мултиетнички карактер, во која коегзистенцијата и еднаквите права на заедниците се темелни вредности, а албанскиот јазик веќе има официјален статус во институционалната употреба.
Бебе Реџа порача дека студентите кои бараат можност правосудниот испит да се полага и на албански јазик заслужуваат еднаков третман и фер услови, исто како и сите останати кандидати.
Протестот е најавен да започне во 16:30 часот кај Камениот мост во центарот на Скопје.
Инаку, пејачката е родена во 1989 година во Бруклин, Њујорк, во семејство на иселеници. Нејзиниот татко потекнува од Дебар и заминал во САД како млад човек, додека мајка ѝ има семејни корени од Гостивар, иако е родена во Америка во албанско семејство.

















