Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) бара Владата итно да го повлече предложениот Закон за игри на среќа, предупредувајќи дека неговото усвојување ќе предизвика затворање на целата легална индустрија и отпуштање на илјадници вработени.
Во реакцијата од АСОМ се наведува дека новиот закон е донесен без јавна расправа и консултации со засегнатите страни, по скратена постапка, што ја повторува, како што велат, штетната практика на претходната влада.
„Се загрозуваат над 10.000 директни и над 50.000 индиректни работни места, а државниот буџет ќе изгуби повеќе од 280 милиони евра годишно. Ова е удар врз легалната индустрија за евтини политички поени пред избори“, се вели во соопштението.
Една од клучните критики е предложената забрана за отворање објекти за игри на среќа во радиус од 500 метри од образовни установи. Според АСОМ, тоа де факто значи нивно затворање, без доказ дека таквата мерка ќе придонесе за заштита на малолетници.
Дополнително, спорен е и предлогот со кој државата добива ексклузивно право за приредување интернет-игри на среќа, целосно исклучувајќи ги лиценцираните приредувачи.
„Станува збор за монопол врз интернет-обложувањето, на сметка на приватниот сектор. Не станува збор за заштита, туку за целосно преземање на контролата од страна на државата“, предупредуваат од АСОМ.
Со принудна дислокација на објектите, забрана за интернет-приредување и неосновано зголемени давачки, асоцијацијата вели дека се удира врз правната сигурност и се нарушува работењето на лиценцирани компании. Паралелно, се очекува и пораст на нелегалните активности, како што било во 90-тите години.
„Ако законот биде донесен, над 800 деловни простории ќе останат празни, илјадници ќе изгубат работа, а пазарот ќе биде преплавен со нерегулирани оператори. Ова не само што нема да ги заштити граѓаните, туку ќе го зголеми ризикот по нивната безбедност“, стои во соопштението.
Од АСОМ најавуваат дека ќе ги искористат сите легитимни средства за да го спречат, како што велат, „штетниот и погубен закон“, вклучително и организирање масовни протести.
„Владата мора да покаже слух и да седне на иста маса со индустријата. Години бараме европски и функционален закон, не рестриктивни мерки што се покажале како неуспешни. Јавно прашуваме: дали целта е монопол, враќање на сивата економија или елиминација на приватниот сектор?“, порачаа од АСОМ.