
Аријан Ибраим и во следните четири години ќе ја предводи општина Центар Жупа, откако денеска на повторените избори ја потврди довербата на граѓаните. Овој мандат е негов четврти последователен на чело на локалната самоуправа.
Според изјавата на претседателот на Општинската изборна комисија, Неџип Илјаз, денешниот изборен ден поминал мирно и без никакви инциденти. Од вкупно 7.652 запишани гласачи, право на глас оствариле 1.003 граѓани. Ибраим добил убедливи 973 гласа, додека 30 ливчиња биле неважечки.
Ибраим е кандидат на Демократската партија на Турците, а изборниот резултат го поддржала и коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Првпат за градоначалник бил избран на локалните избори во 2013 година и од тогаш ниту еднаш не бил поразен.
Роден и пораснат во Центар Жупа, Ибраим го завршил основното образование во своето родно место, а средното во медицинското училиште „Никола Штејн“ во Тетово. Дипломирал на Економскиот факултет при државниот универзитет во Афјон, Турција, а магистерски студии завршил на Универзитетот во Истанбул, во насока меѓународно право.
На претходните избори, одржани на 19 октомври 2025 година, Ибраим добил 950 гласа, што е трипати повеќе од вкупниот број на противкандидати. Меѓутоа, поради неисполнет цензус од 33,33 отсто од запишаните гласачи, изборот мораше да се повтори, како што се случи и на локалните избори во 2021 година.



























