
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во синоќешното гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ1 говореше за мобилната апликација м.Услуги, која ќе им овозможи на граѓаните да ги имаат личната карта, возачката дозвола и другите документи во електронска форма, на едно место во својот мобилен телефон.
„Пред една година беше промовирана демо-верзијата на Дигиталниот самит на Западен Балкан во Скопје. Оттогаш неколку илјади граѓани ја тестираа апликацијата и добивме повеќе од 200 забелешки. Дополнително, при анализата што ја спроведовме утврдивме повеќе аспекти во функционалноста што требаше да се подобрат. Вториот важен елемент беше да го договориме со Министерството за внатрешни работи протоколот за размена на податоците, бидејќи МВР е изворната институција за податоците од личната карта и возачката дозвола“, изјави Андоновски.
Тој нагласи дека личната карта и возачката дозвола се само почеток во развојот на апликацијата.
„Идејата е м.Услуги да заживее како суперапликација. Целта не е во неа да бидат достапни само личната карта и возачката дозвола, туку да функционира како дигитален паричник во кој граѓаните ќе можат на едно место да ги имаат и другите документи што често ги користат, како изводи, дипломи и свидетелства“, рече министерот.
Андоновски посочи дека со промоцијата на апликацијата започнува процес на пошироко препознавање и прифаќање на електронските документи од страна на институциите. Тој очекува институциите, кај кои законите не предвидуваат изречно доставување фотокопија од личната карта или од друг документ, веднаш да започнат да ги прифаќаат електронските верзии.
„Започнуваме процес за кој сум свесен дека ќе биде потребно време додека личните документи во електронска форма бидат прифатени од сите институции. Сепак, ова прашање веќе е регулирано со Законот за електронски документи, што значи дека нивната употреба е целосно легитимна и законски уредена“, истакна Андоновски.
Министерот потенцираше дека задачата на Министерството за дигитална трансформација е да ги отвора и да ги придвижува овие процеси, со цел електронските документи и услуги да станат секојдневие за граѓаните.
„Овој процес можеби ќе трае, но наша задача како Министерство за дигитална трансформација е да ги отвораме и да ги придвижуваме овие процеси. Така беше и при моето доаѓање, кога со законски измени овозможивме институциите да ги прифаќаат електронските документи“, порача Андоновски.

















