Во текот на ноќта, екипите на Итната медицинска помош извршиле 13 интервенции во реонот на скопското село Трубарево, а едно лице било пренесено на Клиниката за токсикологија, соопшти министерот за здравство, Азир Алиу. Дополнително, еден пациент бил транспортиран до друго населено место поради неможност да се движи самостојно.
„Здравствениот систем е целосно мобилизиран за справување со предизвиците од пожарите. Од сите интервенции, само едно лице беше хоспитализирано на токсикологија, а кризниот штаб продолжува континуирано да заседава и да презема мерки според ситуацијата“, изјави Алиу.
Директорот на Клиниката за токсикологија, д-р Арѓенд Имери, потврди дека пациентката примена во текот на ноќта е во добра состојба, иако е задржана на лекување поради придружни симптоми. Во текот на денот, на Клиниката имало уште тројца пациенти на амбулантски преглед.
Институтот за јавно здравје информира дека нема отстапувања од нормалните референтни вредности што би укажувале на зрачење во воздухот во Скопје по пожарот во Трубарево.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, соопшти дека пожарот во објектот за електронски отпад е целосно изгаснат, а состојбата на депонијата „Дрисла“ е значително подобрена. Пожарот во Трубарево избувна во саботата, додека пожарот на депонијата „Дрисла“ се разгоруваше од 9 септември.