УТРО.мк

Алиу: Не сме добиле покана од Владата, но нема да ја одбиеме

Алиу: Не сме добиле покана од Владата, но нема да ја одбиеме
Vero

Демократската партија на Албанците (ДПА) е подготвена да разгледа можност за учество во Владата, доколку добие официјална покана. Ова денеска го изјави членот на Централното претседателство на партијата, Имер Алиу, по одржувањето на Централното собрание.

„Немаме добиено официјална покана, но не би ја одбиле. Ќе разговараме со сите, вклучително и со Владата“, рече Алиу. Тој посочи дека политичката агенда на ДПА можеби не е идентична со онаа на владејачките партии, но дека дијалог треба да има.

Осврнувајќи се на резултатите од локалните избори, Алиу порача дека поразот на ДУИ не треба да се гледа како „национална трагедија“, туку како политички процес што носи нови обврски за тие кои сега се дел од власта.

„Многу ветувања беа дадени. Сега е време тие да се реализираат. Албанската партија во Владата нема простор за изговори и ќе ја повикуваме на отчетност“, истакна Алиу.

На денешното Собрание, ДПА формираше и Координативно тело кое ќе ги води понатамошните активности на партијата. Партијата најавува дека ќе продолжи да врши притисок и надзор врз носителите на функции и на локално и на централно ниво.

ДПА до локалните избори беше дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ. Лидерот Мендух Тачи претходно тврдеше дека на парламентарните избори таа коалиција била посилна од ВЛЕН, но последните изборни резултати го променија политичкиот распоред меѓу албанските партии.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран