Можностите за нови интерконекциски врски и иницијативата на Бугарија за проширување на гасната инфраструктура во близина на македонската граница, биле дел од темите на билатералните средби на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на маргините на министерскиот состанок што се одржа во рамки на Шестото партнерство за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) во Атина.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денеска соопшти дека Божиновска имала интензивна дипломатска активност и оти имала билатерални средби со американскиот секретар за енергетика, Крис Рајт, грчкиот министер за енергетика, Ставрос Папастравру, извршниот директор на грчкиот независен оператор за пренос на електрична енергија (IPTO – ADMIE), Манусакис, како и со бугарскиот колега Жичо Станков.
Божиновска и Станков ја истакнале важноста на проектот East – West Transmission Corridor (EWTC) како клучна иницијатива за зајакнување на регионалната поврзаност, интеграција на пазарите и зголемување на капацитетите за обновлива енергија, во согласност со целите на Европскиот зелен договор.
– Во разговорите беше подвлечена и иницијативата на Бугарија за проширување на гасната инфраструктура во близина на македонската граница, што ќе придонесе за поголема достапност и пониска цена на гасот, како и за зголемена енергетска сигурност во регионот. Во таа насока, двете страни се договорија за организирање на заедничка средба меѓу претставници на двете земји за подобра координација и размена на информации за заедничките проекти, соопшти МЕРМС.
На средбата со извршниот директор на грчкиот независен оператор за пренос на електрична енергија (IPTO – ADMIE), Манусакис, се разговарало за продлабочување на техничката соработка и за можности за нови интерконекциски врски кои ќе придонесат за стабилен и одржлив регионален енергетски систем.

– Вниманието кон Македонија на P-TEC форумот беше јасно – тоа е потврда дека нашата земја е активен и доверлив партнер кога се зборува за енергетска стабилност, стратешки инвестиции и сигурна иднина за регионот, изјави министерката Божиновска.
Таа изразила особена благодарност до премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, и до грчкиот министер за животна средина и енергетика, Ставрос Папастравру, за поддршката и вниманието што го посветиле кон Северна Македонија.
На маргините на форумот, министерката разговарала и со хрватскиот министер за економија Анте Шушњар, кипарскиот министер за енергетика, трговија и индустрија Ѓоргос Папанастасиу, како и со Дите Јул Јоргенсен, генерална директорка за енергетика во Европската комисија.

Форумот P-TEC, кој ги обединува министерите за енергетика од 25 земји од Европа и Северна Америка, претставува водечка платформа за дијалог и координација на политиките во насока на сигурна, чиста и поврзана енергетска иднина.























