Адем Чучуљ, актуелниот генерален секретар на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), е највисоко рангираниот кандидат во постапката за избор на нов претседател на Антикорупциската комисија. Тој доби 96,50 поени од Комисијата за селекција, формирана од собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата.
Селекцијата покажала дека Чучуљ има значајно искуство во спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и јасна визија и разработен план за идниот развој на ДКСК. Позицијата претседател остана испразнета по оставката на Татјана Димитровска, поднесена по обвинението во случајот „Адитив“.
Зад Чучуљ, на второ место се најде Бранко Смилевски од Скопје, дипломиран економист и магистер по антикорупција, кој освои 86,33 поени. Треторангиран е проф. д-р Кимо Чавдар, правник и доктор на политички науки, со 81,83 поени.
Од првично пријавените 13 кандидати, еден ги повлече документите, а двајца не ги исполнуваа условите, па во конечната селекција влегоа 10 кандидати. Собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата утре треба да го изгласа кандидатот кој ќе ја преземе функцијата прв антикорупционер.























