
Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ денеска одбележува 45 години од своето формирање, претставувајќи симбол на врвна обученост, професионализам и посветеност во заштитата на безбедноста и уставниот поредок на државата.
Единицата е препознатлива по извршување на најсложените борбено-технички задачи и дејствува според највисоките стандарди во борбата против тероризмот и насилниот криминал. Низ годините „Тигар“ изгради репутација на елитна формација во рамките на Министерството за внатрешни работи.
На 13 март 1981 година, во рамките на тогашниот Секретаријат за внатрешни работи на Социјалистичка Република Македонија, официјално беше формирана Единицата за специјални задачи „Тигар“. Оттогаш па до денес, единицата постојано се развива и надградува, пренесувајќи искуство и знаење низ генерации припадници.
Во изминатите четири и пол децении „Тигрите“ имаа значајна улога во повеќе клучни моменти за безбедноста на државата. Тие активно учествуваа во процесот на осамостојување на Република Македонија и дадоа важен придонес во справувањето со бројни безбедносни предизвици со кои се соочуваше државата низ годините.























