Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека заклучно со 21:00 часот на 2 јули 2025 година, на територијата на државата се регистрирани вкупно 22 пожари на отворен простор, од кои четири се сѐ уште активни, а осумнаесет се веќе изгаснати.
Активните пожари се на следните локации:
Во општина Прилеп, кај селото Бешиште, каде гори квалитетна мешана шума. Активен е и крак од истиот пожар кој се проширил до селото Градешница во општина Новаци. Во општините Валандово и Богданци, во реонот помеѓу селата Грчиште, Паљурци и Богданци, каде гори ниска вегетација и мешана ниска шума. Во општина Македонски Брод, село Црешнево – зафатена е деградирана дабова шума. Во општина Старо Нагоричане, село Длабочица – пожар во борова и мешана шума.
ЦУК соопшти и дека биле успешно изгаснати 18 пожари низ повеќе општини, вклучително и во Шуто Оризари, Центар, Карпош, Радовиш, Гратско, Демир Капија, Гостивар, Кичево, Дебар, Кочани, Делчево, Липково, Битола и Прилеп. Повеќето од нив зафатиле ниска вегетација, ѓубришта и стрништа.
Од ЦУК велат дека остануваат во постојана координација со сите надлежни служби и ги следат состојбите на терен со цел навремено и ефикасно делување.
Институцијата уште еднаш апелира до граѓаните да бидат исклучително внимателни при движење и престој во природа, и веднаш да пријавуваат евентуални пожари на бесплатниот телефонски број 112.