УТРО.мк

12 медали за македонските основци на меѓународен математички натпревар во Бугарија

12 медали за македонските основци на меѓународен математички натпревар во Бугарија
Vero

Македонските млади математичари постигнаа одличен успех на финалето на Меѓународниот натпревар „Математика без граници“, кое се одржа на почетокот на јули во Несебар, Бугарија. Седум ученици од основно образование ја претставуваа Македонија и се вратија дома со вкупно 12 медали – пет сребрени, пет бронзени, еден бронзен куп и една ѕвезда.

Натпреварот се одржа во ОУ „Љубен Каравелов“, а на него учествуваа 1.200 ученици од 13 земји: Македонија, Азербејџан, Бугарија, Естонија, Казахстан, Киргистан, Малта, Романија, Србија, Турција, Узбекистан, Украина и Филипините.

Македонските претставници беа: Ања Поповска (ОУ „Лирија“ – Тетово), Анамарија Дафчева, Михаил Лалевски и Андреа Кулевска (ОУ „Тихомир Милошевски“ – Скопје), Јана Спасова (ОУ „Мирче Ацев“ – Скопје), Македон Димитровски (Nova International School – Тетово) и Тодор Тодоров (ОУ „Владо Кантарџиев“ – Гевгелија).

Особено се истакна Ања Поповска, која освои бронзен медал на индивидуалниот дел од натпреварот и сертификат на тимскиот дел. Таа досега има освоено четири златни, еден сребрен и три бронзени медали на натпреварот „Математика без граници“, како и бројни награди на други домашни и меѓународни натпревари.

Македонската екипа беше формирана по иницијатива на наставничката Анкица Спасова од ОУ „Тихомир Милошевски“ во Скопје, која е и неофицијален координатор на овој престижен натпревар. Таа нагласува дека и покрај големите успеси, поддршката од институциите е недоволна.

„Организацијата, патувањата и сместувањето се голем трошок, кој го сносат родителите. Некои општини покажаа интерес за поддршка, но тоа не е доволно. Потребно е државата и општеството да вложат повеќе во овие талентирани деца“, вели Спасова.

Таа додава дека Македонија сè уште нема официјално назначен координатор за натпреварот, иако тоа е предвидено со правилата на организаторите.

„Јас ги водам активностите, но тоа е голем товар. Работам волонтерски и не знам колку ќе можам да продолжам. Не смееме да дозволиме да згасне оваа иницијатива поради немање системска поддршка“, предупредува Спасова, изразувајќи жалење што веќе не се испраќаат учесници од средното образование.

Математичкиот натпревар „Математика без граници“ се организира веќе 12 години, а Македонија редовно учествува, освен во 2020 година поради пандемијата.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран