УТРО.мк

Во Тетово се правеле пушките за Илинденското востание

Во Тетово се правеле пушките за Илинденското востание
Vero

Тетовскиот крај има длабоко врежана историја во ослободителната борба, иако за тој период не постојат многу пишани документи. Познато е дека населението од Полог активно учествувало во подготовките за Илинденското востание, како и во акциите што продолжиле и по неговото задушување. Во Тетово функционирал Местен комитет на ВМРО, чија улога била да го воспитува и подготвува народот за вооружена борба, вклучувајќи ги сите способни мажи од градот и околните села.

Посебно значајна била улогата на тетовските пушкари. Во Тетово се изработувале манлихерови пушки, берданки и прочуените тетовски „мартинки“, кои станале главна поддршка за македонските чети. Во посебна работилница на реката Пена, преку мрежа од доверливи луѓе, оружјето тајно се произведувало и префрлувало кон Кичевско. Ристо Костов – Сичан и Сане Ристов – Гуле биле меѓу главните организатори на тајните канали за транспорт. Пушките најпрвин се криеле во селото Блаце, во подземна скривница кај Костадин Велковски, а потоа се носеле преку планинските премини натоварени заедно со грнци, за да не предизвикуваат сомнеж кај турските патроли.

Покрај оружје, тетовскиот Месен комитет формирал и тајна аптека која ги снабдувала четите со лекови и санитетски материјал.

По задушувањето на востанието, дел од четите продолжиле да дејствуваат во шумските предели на Сува Гора, Поречје и Кичевско. Меѓу најпознатите била четата на Софре Ѓорѓиевски од Радиовце, која одржувала отпор цели две години, сè до неговото фаќање и осуда на 101 година робија. По три години бил ослободен поради амнестија и силниот притисок на населението.

Во обид да го скрши отпорот, османлиската власт преземала масовни апсења. На 28 февруари 1905 година, во познатата Тетовска провала биле уапсени истакнати членови на ВМРО и илинденци: Христо Червенелеков – основоположник и прв претседател на Организацијата во Тетово; Глигор Михајлов; поп Диме Саров; Сане Ристов – Гуле; Ристо Костов – Сичан; Мијаил Младенов и Трпе Костов – Алтиколач. Младенов и Алтиколач биле осудени на 101 година робија – првиот во Дијарбекир, вториот во Фезан, во длабочините на либиската пустина. Другите добиле повеќегодишни казни и биле спроведени во Куршумли ан во Скопје.

Некои се вратиле дома како старци, а други ги положиле животите по затворите, оставајќи ја својата жртва во темелите на македонската слобода.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран