Група археолози во Боливија открија импресивен храм од пред 1.000 години, кој го изградиле припадници на древната и сѐ уште мистериозна цивилизација Тиванаку. Како што пренесуваат шпанските медиуми, откритието фрла ново светло врз развиеноста и сложеноста на ова изгубено андско општество.
Храмот, наречен Палапсата, е лоциран на планинските падини југоисточно од езерото Титикака, во близина на селото Окотави, на западот на Боливија. Се смета дека е дел од поширока церемонијална и трговска инфраструктура што некогаш служела како важно средиште за регионалната размена.
Тиванаку, цивилизација која цветала пред да исчезне околу 1000 година од новата ера, била позната по монументалната камена архитектура, софистицираните системи за наводнување, како и по уметноста и керамиката.
Истражувањата се водени на површина од 125 на 145 метри, каде се откриени 15 правоаголни структури распоредени околу централно двориште, за кое се верува дека било поврзано со ритуали поврзани со рамноденицата – астрономски момент од особено значење за многу древни култури.
Археолозите проценуваат дека на оваа локација можеби живееле повеќе од 20.000 луѓе, а дел од пронајдените камени блокови тежат над 100 тони – што укажува на високо ниво на организација, техничко знаење и колективен труд.
„Ова не е само храм, туку стратешка крстосница на древни трговски правци“, изјави археологот Хозе Каприлес од Универзитетот во Пенсилванија.
Тој додава дека до времето кога Инките ги освоиле Андите во 15. век, цивилизацијата Тиванаку веќе била распадната, но зад себе оставила монументални камени градби и сложени водоснабдителни системи кои и денес сведочат за нејзиниот технолошки напредок.