Ценовен шок на Охридското лето: Сладолед по 120 денари, најевтиниот коктел 400
Цените на популарните туристички локации во Охрид ова лето достигнуваат рекордни нивоа, предизвикувајќи реакции и кај домашните и кај странските посетители, јавува телевизија 24.
Кафе покрај езерото чини од три евра па нагоре, додека едно топче сладолед се продава по цена меѓу 80 и 120 денари. Просечната пица во рестораните е околу осум евра, а охридската цреша достигнува и до 300 денари за килограм. Цената на најевтиниот коктел е 400 денари.
Многу домашни туристи ги оценуваат овие цени како претерани и неприфатливи за македонскиот стандард. Од друга страна, дел од странските гости велат дека цените се споредливи со оние во другите европски дестинации и оправдани со природната убавина на регионот.
„Ова место е прекрасно и вреди. Цените не ми се чини дека се високи, слични се на тие во Европа“, вели еден турист од Колумбија.
Сепак, не сите туристи го делат истото мислење. Според информации од туристичкиот сектор, две агенции од Холандија и Полска ги откажале овогодишните аранжмани во Охрид поради нагло зголемување на цените за хотелско сместување. Туристичките работници предупредуваат дека неоправданото покачување на цените би можело негативно да се одрази врз интересот за дестинацијата во иднина.