
Познатиот британски музичар Стинг останува доследен на својот став дека неговите деца нема да го наследат неговото богатство, туку ќе мора сами да се изградат и да успеат во животот.
Иако сè уште делумно ги издржува, тој не им обезбедува неограничени финансиски средства, туку ги учи на вредностите на трудот и самостојноста. Во интервју за американската емисија „CBS News Sunday Morning“, Стинг нагласил дека неговата намера отсекогаш била неговите деца да го пронајдат својот пат без да зависат од неговите пари.
Според него, идејата децата да не мора да работат е погрешна и дури ја опишува како „форма на злоупотреба“. Тој посочува дека сите негови деца имаат силна работна етика и ретко бараат дополнителна финансиска помош.
– Јас плаќам за нивното образование и основни потреби, но тие знаат дека мора да работат – изјавил Стинг.
Тој додава дека ваквиот пристап не е суров, туку напротив, претставува начин да им покаже доверба дека можат сами да успеат и да изградат сопствена кариера.
Стинг има шест деца од два брака, а неговото вистинско име е Гордон Метју Томас Самнер.
















