УТРО.мк

Со мирис на ајвар, музика и многубројна публика започна „Taste the South“

Со мирис на ајвар, музика и многубројна публика започна „Taste the South“
Vero

Првата вечер од четвртото издание на „Taste the South“ донесе токму она по што е препознатлив југот – добра храна, музика, дружење и забава до доцна во ноќта.

Како што одминуваше вечерта, фестивалскиот простор во Mega Shopping Park собираше сè повеќе посетители. Мирисот на печени пиперки ја најави есента, а подготовката на ајварот привлече големо внимание. Посетителите имаа можност да го проследат целиот процес, да пробаат свежо подготвен ајвар и да уживаат во понудата на локални производи и македонски вина.

На сцената настапија ЗГУД „Негорци“ од Негорци и ЗГУД „Браќа Толеви“ од Прдејци, Филип Стојанов, „Пауза за ракија“, „Куку Леле“ и „Брас Брадарс“. Песната, танцот и добрата забава ја одбележаа првата фестивалска вечер и донесоа вистинско јужно расположение во Гевгелија.

„Taste the South“ продолжува вечерва со нови вкусови и нова музичка програма. Вториот фестивалски ден е посветен на смоквата и производите од смокви, па посетителите ќе можат да ја проследат нивната подготовка и да ги дегустираат специјалитетите по кои е познат гевгелискиот крај.

Вечерашната програма започнува во 18:30 часот со настап на КУД „Танец“ од Миравци. Во 19:15 часот ќе настапи „Леге Артис“, во 20:15 Кико Болеро и „Болеро бенд“, во 21:30 „Нокаут“, а вечерта ќе продолжи со Игор Џамбазов и „Гуру Харе“ во 23:15 часот.

Фестивалот продолжува и во недела, од 14:00 часот е подготвена програма за сите генерации. Први ќе настапат Школата за гитари и Школата за тапани при Пионерскиот дом, по што следуваат Ансамблот „Бојмија“, танцовото студио „Мистик“ и Интернационалниот детски музички фестивал „Калинка“.

Во вечерниот дел ќе настапат Наталија Данаилова во 19:45 часот, „Два Бона“ во 21:00 часот и Каролина Гочева во 22:30 часот, со чиј концерт ќе биде заокружено четвртото издание на фестивалот.

Неделата ќе биде посветена и на традиционалната ракија. Посетителите ќе можат да ја проследат нејзината подготовка, да дегустираат и да поминат уште еден ден исполнет со вкусовите и обичаите на југот.

„Taste the South“ се одржува во Mega Shopping Park во Гевгелија. Вечерашната програма трае од 18:30 до 01:00 часот, а во недела од 14:00 до полноќ.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin