
Православните верници денеска го одбележуваат Рождеството на Пресвета Богородица, познато како Мала Богородица. Во храмовите на Македонската православна црква – Охридска архиепископија се одржуваат празнични богослужби.
Празничната атмосфера во Скопје започна уште синоќа, кога во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ беше отслужена вечерна богослужба, по која следуваше литија со иконата на Пресвета Богородица – Троеручица, донесена од светогорскиот манастир Хиландар.
Рождеството на Пресвета Богородица е првиот голем празник во новата литургиска година на Православната црква.
Според црковното предание, Пресвета Богородица, Марија, била ќерка на праведните Јоаким и Ана. Тие долго време немале деца, а по молитвите и надежта го дочекале раѓањето на својата ќерка, која според христијанското учење станала мајка на Исус Христос.
Мала Богородица има значајно место и во македонската народна традиција. Пресвета Богородица се почитува како заштитничка на мајките и жените, а особено место имаат верувањата поврзани со мајчинството и семејствата кои посакуваат деца.
Низ земјата има бројни цркви и манастири посветени на Пресвета Богородица, каде што празникот се одбележува со литургии, свечености и народни собири. Меѓу позначајните се манастирот „Света Пречиста“ кај Кичево, манастирот во Матејче и Осоговскиот манастир.
Во македонската народна традиција се зачувани и бројни преданија за чудотворни икони на Пресвета Богородица. Собирачот на народни умотворби Марко Цепенков запишал повеќе преданија и верувања поврзани со иконите, како и со обичаите што се негувале во различни краишта.
Според календарот на МПЦ-ОА, денеска покрај Рождеството на Пресвета Богородица се одбележуваат и иконата на Пресвета Богородица во Калишта и иконата на Пресвета Богородица Почајевска.
Утре, 22 септември, православната црква го одбележува споменот на родителите на Пресвета Богородица – праведните Јоаким и Ана.

















