
Еднодневните патувања со авион стануваат сè попопуларни меѓу европските патници, кои сакаат да избегаат од секојдневието без долг одмор и високи трошоци. Овие таканаречени „екстремни излети“ подразбираат рано поаѓање, цел ден исполнет со прошетки и разгледување, а враќање дома истата вечер.
Британската компанија Mocio спроведе анализа со цел да утврди кои европски метрополи се најпогодни за ваков тип 24-часовна авантура. Во истражувањето биле земени предвид неколку клучни фактори: просечна цена на повратен авионски билет, времетраење на трансферот од аеродром до центарот на градот, број на ресторани и туристички атракции, како и климатските услови. Според наодите, најисплатливи се градовите што се компактни, добро поврзани и нудат многу содржини на релативно мал простор, пренесува Daily Mail.
На листата на десет најдобри европски градови за еднодневен излет се најдоа: Барселона, Прага, Брисел, Будимпешта, Лисабон, Валенсија, Париз, Наполи, Амстердам и Севиља.
Барселона се најде на првото место со вкупна оценка од 9,13 од 10. Градот се истакнува со богата гастрономска и туристичка понуда – повеќе од 10.000 ресторани и над 6.000 активности. Просечната цена на повратен лет изнесува околу 280 евра, но често се достапни и пониски цени. Дополнителна предност е брзиот трансфер од аеродромот до центарот, кој трае околу 25 минути, како и пријатната медитеранска клима со просечна температура од 15,5 степени и околу 2.500 сончеви часови годишно.



























