Вчера во Каиро официјално беше отворен Големиот египетски музеј (ГЕМ), најголемиот музеј во светот посветен на древната египетска цивилизација. На церемонијата присуствуваа 40 државници и високи функционери, вклучувајќи кралеви, претседатели и премиери од целиот свет.
Изградбата на музејот започна во 2002 година според наградуваниот дизајн на ирската архитектка Роисин Хенеган и нејзиниот сопруг Ши-Фу Пенг, а официјалното отворање се случи речиси десет години подоцна од првично планираното поради економската криза, политичките превирања, регионалните конфликти и пандемијата на коронавирусот.
Музејот се протега на над 500.000 квадратни метри и има 12 галерии со повеќе од 24.000 предмети. За прв пат од откривањето во 1922 година, сите 5.398 предмети од гробницата на фараонот Тутанкамон се изложени во посебна галерија.
Исто така, музејот содржи и „соларен“ брод на фараонот Кеопс, пронајден во 1954 година, кој беше преместен од музејот покрај пирамидата во новиот комплекс.































