Научниците регистрираа досега најмасовното спојување на црни дупки, настан што се случил на околу 10 милијарди светлосни години од Земјата и резултирал со формирање на црна дупка со маса дури 265 пати поголема од Сонцето. Ова спектакуларно космичко обединување било откриено преку гравитациските бранови што ги испратиле овие џинови, и претставува најекстремниот таков настан забележан досега.
Според професорот Марк Ханам од Универзитетот во Кардиф, овие спојувања се „најагресивните настани во универзумот“, но сигналите што стигнуваат до Земјата се толку слаби што нивното откривање е вистински подвиг за модерната наука. Тој додава дека научниците претходно виделе навестувања за вакви спојувања, но ова е најекстремниот пример досега.
Двете црни дупки кои орбитирале една околу друга, секоја со маса поголема од 100 сонца, се судриле и споиле во едно тело — црна дупка од нова, уште поголема класа. Настанот бил забележан од детекторите на гравитациски бранови, кои овозможуваат научниците да ги следат космичките судири и трансформации на начин кој порано бил незамислив.
Деталите за ова откритие ќе бидат презентирани на првиот ден од 24-та Меѓународна конференција за општа релативност и гравитација, која започна денеска и ќе трае до петок.
Со новите технолошки достигнувања и предвидените детектори во следните 10 до 15 години, научниците се надеваат дека ќе можат да ги регистрираат сите спојувања на црни дупки низ универзумот — а можеби и да откријат феномени што досега ни биле сосема непознати.