Новo кинеско истражување покажа дека лекот против мачнина во автомобил можеби не се крие во таблетите, туку во – музиката. Научниците од Институтот за наука и технологија во Хенан откриле дека слушањето весела или опуштена музика значително ги ублажува симптомите на мачнина и вртоглавица за време на возење.
Истражувањето, спроведено под водство на невронаучникот Јилун Ли, вклучило 30 учесници кои во контролирани услови возеле во симулатор. Тие носеле ЕЕГ капи кои ја следеле мозочната активност во реално време – од почетокот на возењето, преку појавата на мачнина, до фазата на опоравување.
Резултатите покажале дека веселата музика ги намалува симптомите на мачнина за 14 проценти, а опуштената музика за 13,4 проценти во споредба со оние кои медитирале. Наспроти тоа, тажната музика ги влошила симптомите и го продолжила чувството на непријатност.
Според научниците, причината е во влијанието на музиката врз мозочната активност. Кога човек чувствува мачнина, активноста во окципиталниот (заден) дел од мозокот, кој ги обработува визуелните информации, се намалува. Веселата музика, пак, помага мозокот повторно да се активира и го стабилизира телото.
Ова истражување е прво кое со електроенцефалографски податоци докажува дека типот на музика директно влијае врз физиолошкото чувство на мачнина. Научниците додаваат дека музиката може да има поширока терапевтска примена – не само при возење, туку и кај луѓе кои чувствуваат непријатност при користење виртуелна реалност или други форми на нарушена рамнотежа.
Заклучокот на тимот е едноставен: следниот пат кога ќе ви се заврти во автомобилот – наместо пилула, пуштете си нешто весело.