
Денес, на 2 јануари, се празнува „Свети Игнат“, празник кој во народното верување има особено значење. Се смета дека од овој ден почнува да се зголемува денот, симболично означувајќи почеток на нова животна енергија и нов циклус.
Според народните преданија, она што ќе се прави и што ќе се случува на овој ден ќе го следи човекот во текот на целата година. Оттука и верувањето дека каков ќе биде денот на Свети Игнат, таква ќе биде и целата година – мирна или немирна, радосна или тешка.
Посебно внимание се посветува на првиот човек што ќе влезе во домот. Се верува дека млад, здрав и ведар гостин носи среќа, бериќет и радост, додека ако прв влезе старец или старица, тоа се толкувало како знак за потешка и неповолна година.
Затоа, според обичаите, денот треба да помине во добро расположение, без кавги и нервози. Се советува да се прават убави дела, да се мисли позитивно и да не се прави ништо што човек не би сакал да го следи во текот на целата година.



























