
Обожавателите на волшебничкиот свет на Хари Потер ќе добијат нови изданија во 2027 година. Издавачката куќа „Блумсбери“ најави уште две книги од серијалот „Pocket Potters“, кои ќе бидат посветени на познати ликови од Хогвортс.
Новите мини-книги ќе се фокусираат на професорката Минерва Мекгонагал и на близнаците Фред и Џорџ Визли. Изданијата се дел од колекцијата наменета првенствено за помладите читатели, но со содржина која би можела да биде интересна и за долгогодишните фанови на серијалот.
Книгите содржат кратки приказни, цитати, илустрации и интересни факти за ликовите и магичниот свет. Претходно годинава беа објавени изданија посветени на Рубеус Хагрид, Доби и професорот Дамблдор, додека во претходните книги свое место добија Хари Потер, Рон Визли, Хермиона Гренџер и Луна Лавгуд.
Од „Блумсбери“ најавуваат дека новите изданија ќе откријат детали и одговори на прашања поврзани со ликовите. Меѓу нив се причината поради која Мекгонагал му купува метла на Хари, нејзината способност да се претвора во животно, како и значењето на поимот „Hatstall“.
Во книгата за близнаците Визли, пак, ќе има детали за тоа како Фред и Џорџ ги познаваат тајните премини во Хогвортс, како и за нивните познати магични производи.
Новите книги ќе бидат објавени на 23 февруари 2027 година. Како и останатите изданија од серијалот „Pocket Potters“, ќе бидат со тврд повез и ќе содржат 32 страници. Цената се очекува да биде околу 10 евра.























