
Во земјава се евидентирани само околу десет гнездечки двојки од редок вид чапја, познат како голем воден бик – птица што тешко се забележува, а дел од популацијата живее во околината на Дојранското Езеро.
Проценката за гнездечката популација ја даваат еколозите од Македонското еколошко друштво (МЕД), кои се дел од проектот „Заштита на медитеранските влажни зони“, финансиран од Француската агенција за развој, што овозможува подобро познавање на биолошката разновидност на Споменикот на природата Дојранско Езеро и на унапредување на управувањето со ова значајно заштитено подрачје.
„Големиот воден бик (Botaurus stellaris) е крупна, таинствена мочуришна птица од семејството на чапјите, силно поврзана со езера, бари и со влажни подрачја со обемни појаси од трска. Има перје во земјени тонови и навика да мирува скриена меѓу трските, така што лесно се претопува со околината и ретко се забележува. Најчесто е активна во зори и во самрак, кога тивко се движи низ трската во потрага по риби, водоземци и безрбетници. Забележувањето на големиот воден бик во околината на Дојранското Езеро е посебно природно доживување и јасен знак за зачувани и функционални водни екосистеми,“ се вели во објавата на МЕД.
Во рамките на проектот „Заштита и ревитализација на медитеранските влажни зони – ПРОЗХУМ“, Македонското еколошко друштво лани организираше едукативен камп, на кој преку теренска настава во Дојран, средношколци од Богданци и од Гевгелија се запознаваа со биодиверзитетот и значењето на заштитата на езерото.


























