
Септември традиционално е месецот кога македонските домаќинства започнуваат со подготовките на зимницата. Мирисот на печени црвени пиперки, варен ајвар, домашни салати и слатка зимница повторно се шири низ маалата, а и покрај повисоките трошоци, традицијата продолжува.
Цената за подготовка на домашен чист ајвар најмногу зависи од цената на црвената пиперка – ајварка. За една тегла од околу 700 грама, во просек се потребни од 3 до 3,5 килограми пиперки.
За подготовка на десет тегли чист ајвар потребни се приближно 30 килограми црвени пиперки. Доколку просечната цена е од 50 до 70 денари за килограм, само за пиперките треба да се издвојат околу 1.500 до 2.100 денари.
Дополнителен трошок е сончогледовото масло. За оваа количина ајвар се потребни околу 1,5 до 2 литри масло, чија цена се движи од 80 до 90 денари за литар.
Во зависност од рецептот, дел од домаќинствата додаваат и модар патлиџан. За десет тегли се потребни околу 5 до 7 килограми, за што треба да се издвојат приближно 150 до 350 денари, зависно од актуелната пазарна цена.
Кога ќе се пресметаат основните состојки, трошокот за десет тегли домашен ајвар се движи околу 2.500 денари, без да се земат предвид дополнителните трошоци за сол, оцет, шеќер, зачини, тегли, капачиња, како и потрошената електрична енергија или огревното дрво.
И покрај трошоците и времето потребно за подготовка, домашниот ајвар останува неизоставен дел од македонската зимница. За многу семејства, неговото подготвување не е само начин да се обезбеди храна за зимските месеци, туку и традиција која се пренесува од генерација на генерација.

















