
Пет лица се лишени од слобода во Велес откако полицијата при контрола и претрес пронашла ловечко оружје, голема количина ловечка муниција и уловен дивеч за кој било утврдено дека потекнува од незаконски лов.
На 2 септември 2026 година, во 11:20 часот, на автопатот Велес–Градско, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Велес го лишиле од слобода 60-годишниот Л.Б. од Италија, кој имал привремен престој во Велес.
При преглед на патничко возило „Ауди“, со албански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени 207 ловечки патрони за кои не поседувал соодветна документација.
За случајот бил известен јавен обвинител, како и инспектор за странци. По целосното документирање на настанот, против италијанскиот државјанин ќе биде поднесена кривична пријава за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“, согласно член 396 од Кривичниот законик.
Подоцна истиот ден, во 18:50 часот, полициски службеници од СВР Велес ги лишиле од слобода и Т.Р. (58), З.Д. (72) и А.А. (74), сите државјани на Италија, како и М.И. (62) од Скопје.
При претрес на објектот во Велес во кој престојувале италијанските државјани, извршен со наредба од Основниот суд Велес, бил затекнат и М.И., кој бил ангажиран како домар.
Во објектот биле пронајдени и одземени ловечко оружје, ловечки патрони, поголема количина улов, пари, документација и други предмети кои можат да бидат поврзани со случајот.
На местото бил известен и претставник од Ловечкото друштво „Руен“ од Велес. По извршената проверка било констатирано дека одземениот улов потекнува од кривично дело „незаконит лов“, казниво по член 228 од Кривичниот законик.
Л.Б., Т.Р. и М.И. биле задржани во полициска станица. За случајот бил известен јавен обвинител, а по целосното расчистување и документирање на настанот ќе следуваат соодветни пријави.

















