УТРО.мк

Култната Лада Нива доби нов мотор: Цената ќе ве изненади

Култната Лада Нива доби нов мотор: Цената ќе ве изненади
Vero

Легендарниот руски теренец „Лада Нива“ продолжува да опстојува на автомобилскиот пазар речиси половина век по почетокот на производството. Во Русија веќе започна продажбата на обновената Niva Legend, која носи нов мотор, технички подобрувања и дел од опремата која одамна е стандард кај современите автомобили.

Најзначајната промена се наоѓа под хаубата. Досегашниот 1,7-литарски бензински мотор со 83 коњски сили е заменет со атмосферски 1,8-литарски агрегат кој развива 90 КС и 153 Nm вртежен момент.

Петстепениот мануелен менувач и постојаниот погон на сите четири тркала остануваат, со што Нива го задржува својот препознатлив теренски карактер.

Со новиот мотор, Niva Legend достигнува максимална брзина од 142 километри на час, додека забрзувањето од 0 до 100 km/h трае околу 15 секунди. Производителот наведува и намалена комбинирана потрошувачка од 9 литри на 100 километри, наспроти досегашните 9,9 литри.

Подобрена е и механиката на возилото. Направени се интервенции на системот за ладење, менувачот и преносната кутија, со цел да се намалат вибрациите и да се зголеми удобноста при возење.

<strong>Конечно добива и дел од модерната опрема</strong>

Иако Нива останува препознатлива по едноставниот и робустен концепт, новиот модел носи и неколку опремни новитети.

Меѓу нив се воздушно перниче за возачот и централно заклучување, а за отклучување и стартување на автомобилот се користи еден клуч.

Одредени делови од каросеријата сега се изработуваат и од поцинкуван челик, што треба да придонесе за подобра заштита од корозија и подолг животен век на возилото.

<strong>Цена од околу 12.000 евра</strong>

Основната верзија Classic на рускиот пазар чини 1.199.000 рубљи, што според актуелниот курс е околу 12.000 евра.

Поскапите нивоа на опрема нудат дополнителни функции, но нивните цени се повисоки. Воедно, цените на рускиот пазар не можат директно да се споредуваат со цените на европскиот пазар поради разликите во даноците, регулативите и достапноста.

„Лада Нива“ започна да се произведува во 1977 година. И покрај бројните модернизации низ годините, основниот концепт на возилото остана речиси непроменет.

Робусната конструкција, едноставната механика и постојаниот погон на сите четири тркала и понатаму се главните адути на моделот.

Речиси 50 години по премиерата, Niva Legend очигледно сè уште не планира да замине во пензија.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin