
Управата за јавни приходи ги проверува приливите од странство што граѓаните ги оствариле во 2021 година, користејќи податоци добиени од банките. До дел од граѓаните веќе се испратени персонализирани известувања со рок за исполнување на евентуалните даночни обврски.
Од УЈП нагласуваат дека не секој прилив од странство подлежи на оданочување, а добиеното известување не значи автоматски дека примателот должи данок. Клучно е по која основа се примени парите.
Според објаснувањето на Управата, обврската за пријавување се однесува на доход што е оданочив согласно Законот за данокот на личен доход. Меѓу наведените категории се плати, хонорари, приходи од фриленс и интелектуални услуги, издавање недвижности преку платформи, дивиденди, камати и одредени капитални добивки.
Од друга страна, подарокот, семејната финансиска поддршка или позајмицата не претставуваат автоматски доход што се оданочува со данок на личен доход. Ниту испраќањето пари преку Western Union, Ria, MoneyGram или друг сервис само по себе ја определува даночната обврска.
Затоа, кога е потребно, граѓаните треба да обезбедат документација со која ќе ги поткрепат потеклото и вистинскиот основ на примените средства.
УЈП ги повикува примателите да проверат дали имаат обврска за пријавување и плаќање данок. Доколку постои таква обврска, треба да поднесат електронска пресметка е-ППД и да го платат утврдениот износ.
Од институцијата предупредуваат дека, доколку обврските не бидат исполнети доброволно, ќе преземат мерки за утврдување на данокот во рамките на законските надлежности.
За конкретниот даночен третман, потребните документи и примената на договорите за избегнување двојно оданочување, граѓаните можат да побараат информации од УЈП преку електронските услуги или во нејзините канцеларии.
Дополнителни информации се достапни на електронската адреса [email protected], на бесплатниот телефонски број 0800 33 000 од фиксна линија и на 02 3253 200 од мобилен телефон, како и во канцелариите на Управата.























