
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за новите малопродажни цени на нафтените деривати, кои стапуваат на сила од ноќеска по полноќ. Со одлуката се предвидува зголемување на цените во просек за 1,41 отсто во однос на претходната од 30 март 2026 година.
Согласно новиот ценовник, максималните малопродажни цени ќе изнесуваат: моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе се продава за 83,50 денари по литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 за 85,50 денари, додека дизелот ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе чини 98,00 денари по литар. Маслото за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) ќе се продава по 95,50 денари, а мазутот М-1 НС по цена од 51,311 денари за килограм.
Од Регулаторната комисија посочуваат дека растот на светските референтни цени и курсот на денарот би довел до значително повисоки цени доколку не беа мерките на Владата за намалување на акцизите и воведувањето повластена стапка на ДДВ од 10 проценти.
Дополнително, нафтените компании се повикани да го пресметаат и попустот обезбеден преку договорот со ОКТА, со што се очекува реално намалување од три денари по литар за дизел и два денари за бензините.
Од РКЕ потенцираат дека без овие интервенции, цената на бензините би била повисока за 8,50 денари по литар, а на дизелот за 12 денари.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата овозможила намалување на акцизите за дизелот за четири денари по литар и за бензините за два денари, како и продолжување на мерката за намален ДДВ од 18 на 10 проценти.
Тој нагласи дека резервите на гориво се стабилни, иако дневната потрошувачка е зголемена од 1,5 на два милиони литри, делумно поради зголемен притисок од пограничните региони.























