Автомобилската индустрија во Македонија и годинава продолжи да се движи по брзата лента. Во 2024 година, трговијата на големо со моторни возила бележи значителен раст на приходот, добивката и бројот на вработени, а дури и просечните плати во секторот покажуваат нагорен тренд. Македонците им остануваат верни на европските брендови, особено на германските производители, кои и понатаму ја доминираат продажбата.
Од податоците на Бизнис Мрежа, што ги анализираше порталот Пари, компаниите што се топ 5 на пазарот остварија вкупен приход од 302,9 милиони евра, што е за 17,2 насто повеќе од она што истите тие компании го остварија во 2023 година. Четири од овие 5 компании се и во групата најголеми по профит. Профитот, пак, скокна повеќе од 31,1 милион евра, што е за 56 насто повеќе од нивниот добитен резултат во 2023 година, а тоа е резултат на зголемена продажба, подобра оперативна ефикасност и стабилизирани трошоци на увозниците.
ЛИДЕР ПО ПРИХОД Е ПОРШЕ
Податоците откриваат дека најголем приход во сегментот трговија со нови возила во 2024 година повторно има Порше Македонија ‒ увозникот на реномираните германски марки фолксваген, ауди, порше, како и на чешката шкода и шпанскиот сеат. Со приход од 100,3 милиони евра, компанијата ја потврдува својата позиција на апсолутен пазарен лидер, бележејќи раст од 8,44 насто во однос на 2023 година.
Веднаш зад неа е Мак Аутостар, со 77,3 милиони евра приход и раст од 6,29 насто. Компанијата е и генерален дистрибутер на повеќе автомобилски брендови за продажба и одржување: мерцедес-бенц патнички и товарни возила, унимог, сетра, евобус, ролс ројс, мицубиши фусо, а овластен сервис e на мицубиши. Компанијата го задржува второто место, но со послаб процентуален раст од просекот на пазарот, што укажува на стабилна, но не експанзивна година.
Трет на листата по остварен приход е застапникот на пежо, Еуроимпекс. Граѓаните и фирмите во оваа компанија купиле моторни возила во износ од 56,1 милион евра, со раст од 29,91 насто во однос на 2023 година.
Највисок раст во 2024 година, од 42,46 насто, има остварено Автонова, увозник на ситроен (од 37,8 на 53,9 милиони евра).
Премиум Брандс, иако со помал апсолутен приход, покажува солиден раст од 24,65 насто, што укажува на проширување на пазарното учество, а остварениот промет на оваа компанија е 15,3 милиони евра.
























