Кинескиот претставник за меѓународна трговија Ли Ченганг денеска потврди дека Пекинг и Вашингтон постигнале рамковен договор за сопственоста над социјалната мрежа TikTok.
„Основен рамковен консензус е постигнат“, изјави Ченганг, прецизирајќи дека договорот произлегол од трговските преговори што изминатиот викенд се одржаа во Мадрид.
Оваа средба беше четврта рунда во тековните трговски разговори меѓу двете земји откако американскиот претседател Доналд Трамп започна царинска војна со Кина во април.
Американскиот министер за финансии, Скот Бесент, најави дека во наредните недели ќе се одржи и петта рунда преговори.
Прашањето за TikTok е една од клучните точки на несогласување меѓу САД и Кина, особено околу заштитата и управувањето со податоците на американските корисници. Спорот започна уште за време на администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден, која усвои закон што предвидува забрана на TikTok во САД доколку матичната компанија „БајтДенс“ (ByteDance) не го продаде контролниот удел.