Во првите девет месеци од годинава преку наплатата на патарини биле инкасирани вкупно 3.611.645.604 денари, односно околу 58,7 милиони евра, информираат од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Според податоците, најголем промет бил остварен во летните месеци, кога сообраќајниот интензитет е најголем. Во август биле собрани 494,3 милиони денари, во јули 469,8 милиони, додека во јуни прометот изнесувал 399,3 милиони денари. Во септември е забележан промет од 401,9 милиони денари.
Наплатната станица Романовце останува најпрофитабилна, додека најниски приходи се регистрираат на наплатната станица Кадрифаково.
Електронската наплата на патарина, која вклучува М-Таг, М-Кард и дигитални надополнувања, продолжува да расте и сега учествува со околу 35 проценти од вкупниот промет. Во септември преку ЕТЦ профактури биле наплатени 30,8 милиони денари, а преку онлајн надополнување 30,9 милиони денари. Преку системот „Отворен Балкан“ биле наплатени 10,4 милиони денари.
Од ЈПДП наведуваат дека е во завршна подготвителна фаза проектот што ќе овозможи малопродажба на М-Таг уредите преку правни лица низ целата држава, со што се очекува дополнително зголемување на користењето на електронската наплата.























