Кинеската компанија за контејнерски превоз „Си Леџенд“ оваа недела ја отвора првата директна рута до Европа преку Арктикот, што значително ја скратува времето на испорака, објави „Глобал тајмс“.
Контејнерскиот брод „Истанбул Бриџ“ во понеделник го заврши товарењето во пристаништето Нингбо Џоушан и на 24 септември треба да исплови преку Арктичката морска рута кон британското пристаниште Феликстоу. Патувањето се очекува да трае 18 дена, а пристигнувањето е предвидено за 10 октомври.
Со оваа нова рута, времето на испорака ќе се скрати за 22 дена, а се очекува и преполовување на емисиите на јаглерод, велат од „Глобал тајмс“. Претходната експресна рута од Нингбо до германското пристаниште Вилхелмсхафен трае 26 дена.
Кинеските капетански власти наведуваат дека арктичката рута ќе им овозможи на компаниите да го намалат ризикот од неизвесност во глобалната трговија и да истражат нови меѓународни логистички канали.
Првото патување е веќе со исполнет транспортен капацитет. Покрај пратките со кратки рокови од е-трговијата, бродот носи и високобезбедносни батерии и големи единици за складирање на енергија. Контејнерите ќе бидат директно натоварени во британското пристаниште и темпирани да се совпаднат со врвот на европската божиќна сезона.