Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски денеска потврди дека Македонија ќе добие трет мобилен оператор, откако на тендерот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) единствен понудувач е компанијата „Оне Македонија телекомуникации“, дел од унгарската „Фор-ај-џи“.
„Апсолутно, конкуренцијата е здрава работа и мора да ја има. За жал, постојните два оператори во овие година и нешто не направија ништо ниту за да го подобрат квалитетот на услугите, ниту да ги намалат цените. Со влезот на трет оператор очекувам подобри услови за граѓаните“, изјави Николоски пред средбата со раководството на Стопанската комора.
Како што објасни, изборот на нов оператор е независна постапка што ја спроведува АЕК и ќе продолжи по завршувањето на изборите. „Од првиот ден кажав дека во Македонија постои дуопол со поделба на пазарот 51% наспроти 49%. Се е јасно, граѓаните доволно зборуваат за квалитетот и цените. Очекувам дека со влезот на нов оператор тоа ќе се промени“, додаде Николоски.
Претседателот на тендерската комисија, Игор Бојаџиев, соопшти дека сите документи на понудувачот се доставени во целост и дека следува евалуација и подготовка на извештај за конечна одлука.
Според условите на тендерот, новиот оператор треба да почне со работа на крајот на 2026 година. Во моментов пазарот е предводен од А1 Македонија со 47,69% и Македонски Телеком со 46,66% удел, додека М-ТЕЛ како виртуелен оператор има 3,38%, Телекабел 1,34%, Мтелмобајл 0,38% и Греен мобиле 0,10%.
Со влезот на трет мрежен оператор, се очекува поголема конкуренција и поволности за речиси два милиона активни корисници на мобилна телефонија во земјава.