
Светската економија мора да биде подготвена за сериозни и неочекувани шокови поради конфликтите на Блискиот Исток, предупреди директорката на Меѓународен монетарен фонд, Кристалина Георгиева.
Георгиева истакна дека продолжувањето на конфликтот може да има значително влијание врз глобалните пазари, економскиот раст и инфлацијата.
„Доколку конфликтот продолжи, јасно е дека тоа може да влијае врз расположението на пазарите, економскиот раст и инфлацијата, а воедно да создаде нови предизвици за креаторите на монетарната политика“, изјави таа на економски симпозиум во Токио.
Според неа, економските последици би можеле да се почувствуваат и по завршувањето на конфликтот, поради што владите треба постојано да бидат подготвени за можни турбуленции.
„Во новата глобална средина мора да размислуваме и за најневеројатните сценарија и да бидеме подготвени за нив“, нагласи Георгиева.
Таа предупреди дека долготрајно зголемување на цените на енергијата од околу 10 проценти во период од една година би можело да ја зголеми глобалната инфлација за околу 40 базични поени и да го забави економскиот раст.
Георгиева препорача државите да вложуваат во силни институции и економски политики кои ќе обезбедат поголема отпорност на економиите, како и да создадат услови за раст предводен од приватниот сектор.
Посебно ранлива, според неа, е економијата на Јапонија, која околу 90 проценти од своите потреби за нафта ги обезбедува од Блискиот Исток. Зголемените цени на енергијата и слабата национална валута создаваат ризик од стагфлација, што би можело да ја принуди владата во Токио да ги зголеми јавните трошоци.
„Вие ги контролирате вашите домашни политики. Подгответе ги вашите економии да се справат со овие шокови што е можно подобро“, порача Георгиева.























