УТРО.мк

Објавена програмата за одбележување на годишнината од трагедијата во Кочани

Објавена програмата за одбележување на годишнината од трагедијата во Кочани
Vero

Општина Кочани ја објави официјалната програма со која во периодот од 14 до 16 март ќе се одбележи една година од трагедијата што се случи на 16 март 2025 година. Преку низа настани од религиозен, спортски и комеморативен карактер, градот ќе им оддаде почит на 63-те жртви.

Одбележувањето започнува во сабота, на 14 март, со низа религиозни служби и помени. Уште во 08:00 часот наутро во црковниот храм „Св. вмч. Георгиј Победоносец“ ќе се отслужи литургија за упокоени, по што во 09:30 часот ќе следува општ парастос. Религиозниот дел од првиот ден ќе биде заокружен во 10:45 часот со одржување трисаги за упокоените на Градските гробишта во Кочани.

Неделата на 15 март е предвидена за меморијални активности кои ги обединуваат спортот и културата. Уште од 09:00 часот ќе започне рекреативно трчање и возење на релацијата Штип – Кочани, како и првиот меморијален планинарски марш „Ивона Антова и 63 ангели“ на релацијата од Пониква до врвот Панаѓур. Истовремено, во спортската сала „Сашо Лазаров-Чапо“ во 10:00 часот ќе се одржи кошаркарски турнир на кој ќе учествуваат повредените во трагедијата. Попладневните часови во НУЦК „Бели мугри“ ќе бидат исполнети со уметност и пишан збор: програмата започнува во 13:30 часот со музички и балетски перформанс, продолжува во 17:00 часот со концертот на Марко Виденовиќ и триото „МЕВЛЕМ“, а завршува со промоција на книгата „Ќе те има“ од Марина Стојчевска во 18:00 часот.

На самиот ден на годишнината, во понеделник на 16 март, одбележувањето ќе започне во раните утрински часови со настанот „Светлина што останува“ пред објектот „Пулс“, во периодот од 02:15 до 02:32 часот. Утрината ќе продолжи со трка на релација Штип – Облешево – Кочани. Во 08:45 часот во Паркот на Револуцијата ќе бидат поставени 63 бели столчиња како симбол на изгубените животи, а ќе биде претставен и симболичниот мурал „Ѕид на сеќавањето“. По приемот на гостите и делегациите и молитвата за упокоени, во 10:30 часот во салата на НУЦК „Бели мугри“ ќе се одржи централниот комеморативен настан. Програмата ќе биде заокружена на истото место во 12:30 часот со меморијалот „Недовршени соништа – Секое име е нечиј свет“.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран