УТРО.мк

Мицкоски: Овој месец стартува изградбата на автопатот Скопје–Блаце

Мицкоски: Овој месец стартува изградбата на автопатот Скопје–Блаце
Vero

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува и ќе се обрати на свеченото потпишување на договорот меѓу Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за грант средства за изградба на автопатот Скопје–Блаце. Настанот ќе се одржи во 11 часот во Владата.

Минатата недела Мицкоски соопшти дека е завршена постапката за избор на изведувач и дека денешното потпишување на договорот ќе го означи почетокот на реализацијата на еден од најдолго најавуваните инфраструктурни проекти во државата.

„Очекувам уште овој месец да започне изградбата на оваа делница. Станува збор за проект за кој се зборуваше со децении, а сега конечно преминува во фаза на реализација“, изјави Мицкоски, додавајќи дека Владата постепено ги решава наследените инфраструктурни проблеми.

Вториот дел од автопатот, во должина од 10,5 километри, ќе го гради конзорциум предводен од домашната компанија „Гранит“. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски претходно најави дека изградбата ќе започне летово и дека автопатот треба да биде завршен за околу три и пол години.

Според проектот, трасата ќе содржи пет тунели, две галерии, 12 мостови и околу 40 други инфраструктурни објекти.

Николоски оцени дека изборот на домашен изведувач претставува силен сигнал дека македонските компании имаат капацитет да реализираат големи инфраструктурни зафати.

Автопатот Скопје–Блаце е со вкупна должина од 12,5 километри. Првата фаза, долга 2,5 километри, започна да се гради во мај 2020 година, но проектот со години се соочуваше со застој. За да се забрза реализацијата, трасата беше поделена на две делници.

Овој патен правец е дел од важниот регионален коридор што ја поврзува Македонија со Косово и понатаму со Црна Гора. Според Николоски, неговото завршување ќе овозможи побрз транспорт на патници и стока, како и подобар пристап на македонските компании до пристаништето Бар во Црна Гора, што ќе придонесе за развојот на трговијата и економијата.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin